Македонија

Минчев: Европската комисија го нотира напредокот во реформата на јавната администрација

06.11.2026 19:36

Напредокот во реформата на јавната администрација е препознаен и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, најави продолжување на професионализацијата на администрацијата, нови можности за стручно усовршување и поголема одговорност во работењето.

Реформата на јавната администрација добива конкретна институционална и законска основа, а преземените чекори се нотирани и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година. Ова го истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на третиот циклус генерички обуки за административните службеници за 2026 година, што се одржа во Куманово за службениците од Североисточниот регион.

Минчев посочи дека Европската комисија го препознала напредокот во зајакнувањето на капацитетите на Министерството, унапредувањето на системот за управување со човечките ресурси и воспоставувањето рамка за професионално и одговорно функционирање на администрацијата.

Според него, реформите не треба да останат само на законско и институционално ниво, туку да се почувствуваат преку услугите што ги добиваат граѓаните.

Како еден од клучните столбови на професионализацијата, Минчев го посочи воспоставувањето на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници. Таа треба да обезбеди континуирано учење, квалитетни програми, унифицирани стандарди и можности за професионален развој.

Министерот се осврна и на новите законски решенија за високите раководители, административните службеници и вработените во јавниот сектор, со кои се предвидуваат појасни професионални критериуми, вреднување според резултатите и поголема одговорност во работењето.

Целта, како што истакна Минчев, е создавање компетентна и ефикасна администрација, во која знаењето ќе се применува во секојдневната работа, а професионалноста и квалитетната услуга ќе ја јакнат довербата на граѓаните во институциите.