Мицкоски очекува до крајот на годината да се заокружи најголемиот дел од реформскиот процес
Напредок има, но в година ќе биде уште поголем зашто извештајниот период не ги опфати реформите што во меѓувреме се направени во борбата против корупцијата и владеењето на правото, вели премиерот Мицкоски за документот од Брисел. Иако е свесен дека за Македонија има и политички услови, какви што се уставните измени, тој не губи надеж дека земјава ќе ги отпочне преговорите за членство во ЕУ.

Борбата против криминалот и корупцијата и понатаму слаба точка во извештаите на Брисел. Иако генерално, оценката на Брисел за напредокот е подобра од лани, сепак, Мицкоски очекува до крајот на годината да се заокружи најголемиот дел од реформскиот процес со посебен акцент на борбата против корупцијата, со што в година ќе има подобар резултат.
Постигнат е умерен напредок во правосудниот систем, посочи заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Бен Нупнау анализирајќи го последниот извештај на ЕК. Тој истакна дека земјава има најголем степен на усогласеност со европското законодавство, надворешната политика и безбедност. И во дигиталната трансформација и образованието има напредок.
Критиките на Брисел се претставуваат како позитивни насоки, оценките во клучните области се негативни – реагираат социјалдемократите. Од партијата тврдат дека корупцијата останува широко распространета, а застарувањето на судските предмети создава чувство на неказнивост.
Крајно време е сите политички актери да престанат да ги злоупотребуваат извештаите на Европската комисија за дневнополитички пресметки. Полноправното членство во ЕУ е едно од најважните државни прашања кое ги надминуваат мандатите на една или друга политичка влада, велат од платформата 12:5.
Марина Стојанова – Тонева
