Финансии

ЕК нотира напредок во управувањето со јавните финансии и намалување на јавниот долг

06.11.2026 20:07

Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава бележи позитивни движења во макроекономските показатели, управувањето со јавните финансии и финансиската контрола. Јавниот долг на крајот на 2025 година е намален за два процентни поени, а буџетскиот дефицит изнесувал четири проценти од БДП.

Напредок во реформите за управување со јавните финансии, подобрување на финансиската контрола и позитивни макроекономски движења нотира Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава за 2026 година, информира Министерството за финансии.

Во делот на економските показатели, во извештајот се наведува дека економскиот раст се забрзал во 2025 година, поттикнат од инвестициите и приватната потрошувачка. Особено добри резултати биле забележани во градежништвото и ИКТ-услугите.

Позитивни движења има и кај јавниот долг, кој на крајот на минатата година бил намален за два процентни поени во споредба со претходната година. Буџетскиот дефицит изнесувал четири проценти од БДП, согласно планираното.

Европската комисија го нотира и спроведувањето на Законот за буџети, преку донесување подзаконски акти, Фискалната стратегија и Стратегијата за управување со јавниот долг, со кои се унапредуваат транспарентноста и предвидливоста во управувањето со јавните средства.

Во извештајот се посочува и дека 76 проценти од буџетските корисници на централно ниво до крајот на 2025 година имале воспоставено системи за управување со ризици согласно новата методологија за финансиска контрола.

Во рамки на Реформската агенда, Европската комисија заклучно со јуни 2026 година исплатила 142,1 милион евра, вклучително и средствата од претфинансирањето. Средствата се однесуваат на повеќе области, меѓу кои дигиталната трансформација, финансиската контрола, управувањето со државните претпријатија и унапредувањето на квалитетот на образованието.

Од Министерството за финансии велат дека продолжуваат со реформите за модернизација на системот на јавни финансии, поголема транспарентност и отчетност и усогласување со европските стандарди.