Мицкоски: Ќе се бара купувач за Алта банка – Битола
Штедачите ќе бидат обесштетени до последниот денар, за банката се бара солиден купувач – премиерот Мицкоски ја обвини опозицијата дека се радува на црни сценарија. СДСМ велат – власта врши притисок врз странска и домашна банка за можноста за преземање на Алта банка.

Алта банка – Битола е здрава финансиска институција и нема причина за загриженост, бидејќи располага со повеќе средства отколку што се побарувањата – вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој откри дека следниве денови ќе се организираат средби за изнаоѓање купувач на Алта банка – Битола.
И додека премиерот бара опозицијата да не шири паника, оттаму порачуваат дека Мицкоски и гувернерот Славески мора да одговараат зошто дозволиле влез на банка со сомнителен капитал. Според СДСМ, власта врши притисок врз потенцијални купувачи.
И додека СДСМ бара во целиот случај да се вклучи и Обвинителството, од каде деновиве оценија дека за такво нешто е сè уште рано, премиерот Мицкоски одново уверува дека сите депоненти и штедачи ќе бидат обесштетени до последен денар.
Миле А. Ристески
