Адреналинските пенкала ги нема во Македонија, алергиската реакција може да биде опасна по живот
Спасува живот ама го нема во Македонија. Адреналинските пенкала, неопходни при тешки алергиски реакции, граѓаните се принудени по скапи цени да ги набавуваат од странство. Лекарите предупредуваат на ризиците – бараат дополнителна обука на вработените во градинките и училиштата за да ги препознаат симптомите.

Тешка алергиска реакција од храна, лекови и од убод на инсект може да биде борба за живот. Но, адреналинските пенкала за итна употреба ги нема во Македонија. Граѓаните ги набавуваат од соседна Грција. Скап производ со краток рок на употреба. Иако лекарите велат дека анафилактичниот шок не е честа појава, сепак има деца кои во Клиниката „Козле“ доаѓале и во потешка состојба.
„Тоа е многу важно и е потребно не само за децата туку и за возрасните да го имаат во џеб. Веднаш да го вбризгаат кога ќе почувствуваат оток, тежина, неможност да дишат, кога се гушат, да се боцнат …“, изјави д-р Татјана Јаќовска – Клиника за белодробни заболувања „Козле“.
Лекарите бараат задолжителна обука и протоколи за вработените во градинките и во училиштата, за препознавање на симптомите и навремена реакција.
„При првото каснување на кикиритка може да има полесна манифестација, но при втората, тогаш е побурна реакцијата, тогаш може да дојде до анафилакса. Значи, персоналот треба да препознае и да примени прва помош и да го спаси детскиот живот ако се работи за анафилактичен шок“, изјави д-р Мирјана Поповска – Клиника за белодробни заболувања „Козле“.
Не секое дете кај кое е откриена одредена алергија ќе има анафилактичен шок. Некои ја надминуваат алергијата по третата година од животот. Досега немало случај кој завршил со фатален исход, но опасноста постои, предупредува лекарската фела.
Андријана Ѓурческа
