Македонија

Алармантна е состојбата со родовобазираното насилство, се бара поефикасна институционална заштита

06.11.2026 18:58

Последниот случај на фемицид во Богданци, каде беше убиена 17-годишната Билјана Кириќ одново го вклучи алармот во земјава. За в недела во Скопје е закажан протест. Експертите бараат промени во начинот на постапување на институциите. Податоците на МВР покажуваат дека за девет месеци годинава се регистрирани над 1.300 кривични дела и речиси 4.000 поплаки за семејно насилство.

По последната трагедија во Богданци, бројот на жртви на фемицид во Македонија за годинава се искачи на седум. Состојбата со родовобазираното насилство и фемицидот во земјава е алармантна, предупредуваат експертите. Постои итна потреба за промени, пред сè во постапувањето на институциите, почнувајќи од адекватна проценка на ризикот во којшто се наоѓа секоја од жртвите и одредување соодветни мерки за заштита, вели за Македонската телевизија адвокатката Неда Чаловска-Димовска.

Итни мерки за намалување и спречување на родовото насилство и фемицидот бара и Европската комисија, во чијшто извештај за првпат се наведува дека актуелната состојба претставува сериозно прекршување на фундаменталните човекови права во Македонија.

Од почетокот на годинава до септември, во Македонија се регистрирани 1.337 кривични дела за семејно насилство. Од пријавените 1.388 сторители, 1.278 мина се мажи, а 110 се жени. Дополнително, регистрирани се и речиси 4.000 поплаки за семејно насилство.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат жртвите, но и оние што имаат сознанија за вршење семејно насилство, истото без исклучок да го пријавуваат, наместо да го премолчуваат.

Марија Котовска