Народна банка

Нови олеснувања за клиентите на Алта банка – повисоки лимити и целосно располагање со новите приливи

06.11.2026 18:16

Народната банка ги олеснува условите за располагање со средствата на клиентите на Алта банка – Битола. Се зголемува неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со картички од 10.000 на 15.000 денари, а новите приливи од плати, пензии и социјална помош ќе можат да се повлекуваат во целост. Од понеделник ќе бидат отворени шалтери и во Тетово и Струмица, а за утре е организиран и автобуски превоз од Прилеп, Ресен и Охрид до Битола.

Народната банка продолжува со постепено олеснување на условите за располагање со средствата на клиентите на Алта банка – Битола. Гувернерот Трајко Славески на попладневната прес-конференција најави три нови мерки со кои на граѓаните ќе им се овозможи полесен пристап до нивните средства и непречено користење на банкарските услуги.

Првата мерка предвидува проширување на мрежата за исплата на готовина. Утре, 7 ноември, Народната банка ќе организира автобуски превоз за граѓаните од Прилеп, Ресен и Охрид до филијалата на Алта банка во Битола, за да можат да ги подигнат пензиите и социјалната помош.

Од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтери и во Тетово и Струмица, каде што граѓаните кои немаат платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари. Со ова, клиентите од овие градови и околните населени места нема да мора да патуваат до Битола за да ги подигнат своите средства.

Второто олеснување се однесува на зголемувањето на неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажните места со платежни картички на банката. Од следната недела, лимитот ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари.

Третата мерка се однесува на сите идни приливи од плати, пензии и социјални трансфери што пристигнуваат од институции или компании кои имаат сметки во други банки. Граѓаните ќе можат да ги повлечат овие средства во целост, без ограничување на износот, преку платежна картичка или со подигање готовина на шалтерите на банката.

Славески информираше дека експертите за софтвер работат деноноќно за оваа можност да биде овозможена во текот на следната недела, пред истекот на законскиот рок за исплата на платите.

Исплатата на средствата на клиентите се одвива според утврдениот распоред. Во експозитурата во Битола денеска биле опслужени околу 660 клиенти на шест шалтери. Просечниот повлечен износ по клиент вчера изнесувал околу 19.000 денари, а денеска околу 16.000 денари, што, според Славески, се должи на пониските износи на социјалните трансфери.

Гувернерот повтори дека Алта банка продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Администрацијата е привремена мерка што се применува до промена на сопственоста, а состојбата во банката е добра, таа е ликвидна и високо капитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио.

Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки, а привремените ограничувања се однесуваат само на начинот на располагање со нив. Народната банка континуирано ја следи состојбата и ги приспособува мерките со цел да се зачува ликвидноста на банката и да се заштитат интересите на сите штедачи, истакна Славески.