Тутунарите и откупувачите подготвени за откупот на тутунот
На прагот е откупот на тутунот. Дел од 10-те регистрирани откупни компании може да почнат со откупот на 17 ноември. Регуларниот откуп е на 15-ти декември. Родот е квалитетен и тежок околу 26.000 тони, а производителите очекуваат повисока откупна цена од ланската.

Тутунарите и откупувачите се подготвени за откупот на тутунот од годинашнава реколта. Од Сојузот на земјоделските здруженија веќе очекуваат дел од 10 откупни претпријатија од 17 ноември да го почнат вонредниот откуп на тутунот. Деновиве привршува нострификацијата на мострите тутун и обуката на поверениците на откупните ваги и пунктовите во земјава.
Годинашнава реколта тутун се оценува да тежи околу 26 000 тони и родот е квалитетен што треба да донесе повисока просечна цена од ланската од 420 денари за килограм.
Македонија останува во врвот на земјите со производство на ориенталски тутун, барани на светскиот пазар. Од тутунот државата годишно инкасира околу 150 милиони евра девизен прилив.
Елизабета Митреска
