Расте бројот на заболени од рак на дојка во охридскиот регион
Бројот на заболени од рак на дојка во охридскиот регион расте , а загрижува и фактот што болеста сè почесто се открива кај помлади жени. Лекарите предупредуваат на пораст на малигните заболувања и апелираат за поголема здравствена свест и редовни контроли...

Карциномот на дојка сè почесто ги погодува и помладите жени. Бројот на новозаболени расте на глобално ниво, а пораст на малигните заболувања бележат и лекарите во охридскиот регион. Иако причините се повеќеслојни меѓу факторите на ризик се посочуваат загадувањето на воздухот, стресот, алкохолот, пушењето и генетската предиспозиција.
„За жал, морам да потенцирам дека се бележи пораст на малигните заболувања во нашиот регион и во нашата земја. Меѓутоа, тоа е глобален проблем, присутен на светско ниво. Со зголемувањето на свесноста и превентивните прегледи, и покрај зголемениот тренд на нови заболувања кај женската популација, третманот, прогнозата и исходот се во позитивна насока“, истакна д-р Горан Марковски, специјалист по гинекологија и акушерство, директор на Општа болница – Охрид.
Во Општата болница во Охрид од минатата година се спроведуваат скрининг-прегледи за карцином на дојка, бидејќи раното откривање е пресудно за исходот на болеста.
„Превентивниот преглед значи и многу поголеми шанси за успешно лекување на жената. Во високоразвиените земји, каде што и превентивата е развиена, петгодишното преживување кај карциномот на дојка е околу 85 проценти, за разлика од неразвиените земји, каде што е околу 45 проценти. Тоа ја покажува важноста на превентивата“, изјави д-р Томислав Цуцулоски, специјалист радиолог
„Секаде во светот има тенденција на зголемување на бројот на новооткриени случаи на рак на дојка. Старосната граница секако дека е многу намалена. Меѓутоа, она што јас сметам дека е важно е ракот да се открие во што поран стадиум, кога излекувањето може да биде многу успешно“, изјави Биба Додева, претседателка на Здружението за борба против рак „БОРКА – за секој нов ден“.
Ракот на дојка е најчестото дијагностицирано малигно заболување кај жените во светски рамки.
Соња Рилковска
