Нов бран закани за поставени бомби низ Европа
Аеродромите ги пренасочуваат и откажуваат летовите поради заканите, што предизвика хаос во авионскиот сообраќај. Закани стигнаа и до радиодифузери за поставени бомби.

Нов бран закани за поставени бомби низ Европа. Аеродромите ги пренасочуваат и откажуваат летовите поради заканите, што предизвика хаос во авионскиот сообраќај. Закани стигнаа и до радиодифузери за поставени бомби. Седиштето на ирскиот национален радиодифузер во Даблин беше евакуирано поради закана за бомба.
Безбедносна закана добил и британскиот радиодифузер SKY. И Нова ТВ, приватен радиодифузер во Бугарија добил е-пошта со закана за бомба, а испраќачот тврдел дека стои зад заканите за европскиот воздушен сообраќај.
„Вчера и денес добивме закана во врска со можно присуство на експлозивна направа во одредени авиони. Вчера за четири лета. Денес за вкупно девет лета, од кои четири пристигнувања и пет заминувања“, изјави Јиржи Ханич, заменик-портпарол на аеродромот во Прага.
„Заканите со бомби создаваат непотребна тензија за пилотите, но екипажите се подготвени да реагираат професионално. Пилотите ги разгледуваат процедурите со кабинскиот персонал, ги идентификуваат аеродромите каде што би можеле да пренасочат и може да носат дополнително гориво“, изјави Пол Ројтер - потпретседател на Европската Асоцијација на пилоти.
„Мислам дека тоа што се случува претставува голем проблем за авијацијата. Сигурно ги чини многу авиокомпаниите. И мислам дека е тажно што некои луѓе го прават ова“, вели Торштајн Нимоен, 52-годишен патник од Норвешка.
Регистрирани се закани за напади врз системи за ладење во супермаркетите, и упади со беспилотни летала., поради што ЕУ апелираше граѓаните да направат резерви на храна за три дена.
„Во овој момент не можеме со сигурност да кажеме дали нападот врз залихите на крвна плазма во Франција, лажните дојави за бомби во авионите и нападите врз прехранбените производи се меѓусебно поврзани. Но, сите укажуваат на истото: денес на удар се цивилната инфраструктура, прехранбените производи, болниците, здравствениот систем и транспортните средства“, изјави Џорџа Мелони-премиерка на Италија.
Надлежните сè уште не можат да утврдат кој е одговорен за заканите со поставени бомби.
Ирина Гелевска
