Битола

Корисници на Алта Банк од Прилеп, Ресен и Охрид подигнуваат готовина во Битола

07.11.2026 17:16

Нови олеснувања за клиентите на Алта банка од понеделник, најави гувернерот Славески. Денес на шалтерите во главната експозитура на Алта банка во Битола, средства подигнуваат и граѓаните на Прилеп, Охрид и Ресен кои немаат платежни картички, за кои Народна банка организираше бесплатен превоз.

Граѓаните на Прилеп, Охрид и Ресен, кои немаат платежни картички, денес преку организиран бесплатен превоз од страна на Народна банка, имаа можност да подигнат готовина од шалтерите на главната Алта банка во Битола. Дел се задоволни од можноста, дел пак сметаат дека ова е дополнително малтретирање.

Утрово исплатата на шалтерите се одвиваше брзо и без никакви проблеми. Граѓаните подигнуваа средства од своите сметки во износ до 20 илјади денари. Во изминатите два дена на шалтерите готовина подигнале повеќе од 1.200 лица

Сите наредни нови приливи од плати пензии и социјални трансфери, на институции или фирми, со сметка во друга банка-клиентите на Алта банка ќе можат да ги повлечат во полн износ, без ограничувања. Со ова ќе немаат потреба за отворање сметка во друга банка. Народна банка најави и други олеснувања за клиентите на банката.

Од понеделник 9-ти ноември, се проширува и мрежата за подигнување готовина, без платежни картички. Ќе се отворат шалтери во Струмица и Тетово, а се зголемува и лимитот за подигнување готовина и плаќање со картичка од 10 на 15 илјади денари неделно.

Алта банка АД Битола не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата. Банката е ликвидна и висококапитализирана со солиден квалитет на кредитно портфолио. До нејзината продажба банката е под администрација на Народна банка.

Александра Максимовска