Амбулантите полни деца со висока температура, многу од нив невакцинирани со МРП вакцината
Пет потврдени случаи на морбили во земјава. Дежурните педијатриски пунктови полни со деца со висока температура. Лекарите повикуваат на вакцинација и засилени мерки за заштита...

Со треска и температура, премалени беа децата кои ноќеска беа донесени во дежурниот педијатриски пункт во поликлиниката Бит Пазар. Доенчиња и мали деца на предучилишна возраст, сите во иста чекалница и ординација на преглед. Додека вирусите косат, државата веќе брои и заболени од морбили.
Докторка Каролина Ристова Стефанова, ја вознемирува фактот што децата не се имунизирани со МРП. Вели, освен новороденчињата сите би требало до сега да се заштитени, ако кај некое дете болеста е во инкубација сите ќе се заразат од морбили.
Загриженоста го вклучи алармот, вели докторката Ристова-Стефанова, се бара решение како за преглед да се одделуваат децата што се со температура и оние кои имаат друга симптоматологија. Веќе е одредено и каде болнички би се лекувале децата со морбили на коишто ќе им треба 24 часовна медицинска грижа.
Во лабораториите во моментов се испитуваат сомнителни случаи, ако се потврди заразата резултатите официјално ќе ги соопштат надлежните. Досега има пет докажани случаи на морбили во земјава, а во соседството и прогласени епидемии.
Наташа Јанчиќ Менковски
