Правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, став на ЗНАМ
ЗНАМ не отстапува – правосудниот испит да се полага на македонски јазик. Отворени се за разговори со владините партнери, а умерениот напредок во правосудството го припишуваат на сопствените реформи …

Правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, согласно Уставот и законите – став на Движењето „ЗНАМ“. Од таму велат дека се подготвени за разговори со владините партнери, но нема да отстапат од своите принципи.
Извештајот на Европската комисија нотира умерен напредок во правосудството и тоа претставува јасна потврда дека политиките и реформите што „ЗНАМ“ ги спроведувал во Министерството за правда донеле видливи резултати, посочи поранешниот министер на овој ресор, Игор Филков
Како клучни законски решенија ги наведе новиот Закон за Судскиот совет, донесен во лани декември со кој се адресирани препораките на Венецијанската комисија и Оценската мисија, подобрувајќи ја транспарентноста и јасноста при изборот на судии и водењето дисциплински постапки.
Позитивно оценети се и новиот Закон за Советот на јавните обвинители како и новиот Закон за парничната постапка, со кој по повеќе од 20-годишен застој се модернизираат и забрзуваат граѓанските судски постапки.
Марина Стојанова Тонева
