Отворена истрага против 24-годишниот напаѓач од Краков
Нови детали за инцидентот во Краков кој 24 годишник уби шест лица, а уште тројца застрелани беа пронајдени во неговиот дом. Тој уште како ученик имал морбидни цртежи и отворено кажувал дека сакал да стане напаѓач. Во Полска дводневна национална жалост.

Полска во дводневна национална жалост по вооружениот напад во Краков, во кој загинаа 6 лица, а 16 се повредени. Премиерот Доналд Туск го квалификуваше нападот како терористички чин. Напаѓачот, полски државјанин, пукал од автомобил во центарот на градот, по што бил ранет и уапсен од полицијата. При претрес на неговиот дом биле пронајдени уште три тела, на неговите родители и помладата сестра.
„Знаеме дека неговиот татко легално поседувал повеќе од десетина парчиња огнено оружје. И тој самиот, исто така, поседувал оружје. Шест лица ги загубија животите во Малополското војводство. Меѓу ранетите жртви има 11 полски државјани и пет странски државјани. Тие во моментов се хоспитализирани; во 14 случаи, нивната состојба е стабилизирана. Во еден случај состојбата е сериозна, а едно лице е во критична состојба. Што се однесува до сторителот на овој инцидент, тој во текот на ноќта бил подложен на неколку операции во една од болниците во Краков“, изјави Кшиштоф Јан Кленчар, регионален гувернер на Малополска.
Обвинителството во Краков отвори истрага против 24-годишниот напаѓач Михал Окшински за две кривични дела, убиство на 6 лица со огнено оружје и обид за убиство на повеќе лица, меѓу кои и полициски службеници. На напаѓачот ми се заканува доживотен затвор.
„Продолжуваме со истрагите на лице место. Сè уште вршиме инспекции на локациите каде што сторителот бил активен и каде што се движел автомобилот. Во моментов, ова веројатно ја вклучува улицата „Гроѓа“, и таму се концентрирани напорите на обвинителите на испрашување, поднесување обвиненија и барање превентивни мерки, мора да почекаме да чуеме што ќе кажат лекарите и како ќе ја проценат неговата здравствена состојба. Потоа обвинителот ќе продолжи со овие чекори во врска со осомничениот без одлагање“, изјави Томаш Вашчук, портпарол на Регионалното обвинителство во Краков.
На местото на нападот во центарот на Краков, жители и туристи оддаваат почит на жртвите на напаѓачот којшто бил краен десничар.
Ирина Гелевска
