Униформата и предизвиците на професијата- мотив за новата генерација питомци

06.10.2014 14:48

Питомците ќе ги изучуваат воените, општествените, техничките и хуманистичките науки. Студирањето на Академија е според Европскиот кредит трансфер систем...

42 –ца питомци, од кои 7 жени, го почнаа школувањето на Воената академија. 25-мина ќе се обучуваат за офицери, 7-мина се од армии од регионот, а 10 студенти ќе се образуваат за цивилниот сектор. Униформата и предизвиците што ги носи професијата, мотив за питомците.

„Мојата најголема желба е да станам добар офицер и да успеам во оваа професија“, вели питомецот Филип Стојановски.

„Мојот најголем мотив пред се беше патриотизмот“, рече питомецот Софија Велиновска.

Од 2010-тата, на Академијата се школуваат и питомци од соседството. Миладин има македонска крв, што е вели една од причините да студира тука.

„Имаше многу мотиви, првиот е да и служам на својата земја, тоа ми е главната цел и мотив, а потоа и останатите, како финансиската сигурност“, вели Миладин Дакиќ, питомец од Црна Гора.

Питомците ќе ги изучуваат воените, општествените, техничките и хуманистичките науки. Студирањето на Академија е според Европскиот кредит трансфер систем.

„Пред вас ќе стојат сите правила и прописи кои ќе морате да ги научите и правилно почитувате, почнувајќи од рабното станување и утринската фискултура, па се до секојдневните предавања, вежби и обука“, нагласи полковник Орце Поповски, декан на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.

„Воената академија е срцевина на офицерскиот кор. Со нејзе добиваме високо обучени професионални војници со високи морални и етички вредности“, рече министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Еден семестар питомците ќе одат на обука во една земја-членка на НАТО.

Со дипломирањето, покрај офицерскиот чин, питомците се здобиваат и со цивилно звање дипломиран менаџер по одбранбено-безбедносни ресурси.

 

Наташа Гркова-Петрушевска