Почнува примената на новите правила во домашниот платен промет
Највидлива промена за граѓаните е воведувањето на нови кратенки за платните налози. Промени има и кај шифрите за целта на плаќањето. Досегашните нумерички ознаки се заменуваат со нови четиризнаковни алфанумерички шифри, составени од букви или комбинација од букви и броеви.

Од денеска почнува примената на новите правила во домашниот платен промет, со кои се менуваат досегашните уплатници, ознаките за видот на плаќањето и начинот на означување на денарските платежни сметки. Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 се заменуваат со нови, стандардизирани платни налози, со изменет изглед, распоред и називи на полињата.
Највидлива промена за граѓаните е воведувањето на нови кратенки за платните налози. Промени има и кај шифрите за целта на плаќањето. Досегашните нумерички ознаки се заменуваат со нови четиризнаковни алфанумерички шифри, составени од букви или комбинација од букви и броеви.
Дополнително, денарските платежни сметки ќе се користат во ИБАН-формат, при што пред постојниот број ќе се додава ознаката МК07. Тоа не значи дека граѓаните добиваат нови сметки или дека треба да ги менуваат постојните броеви.
Банките ќе ги направат потребните технички приспособувања во електронското и мобилното банкарство, па граѓаните вообичаено ќе продолжат да ги внесуваат податоците за плаќање на досегашниот начин.
Измените се дел од усогласувањето на домашниот платен систем со меѓународните стандарди и регулативата на Народната банка.
