„Скопскиот филмски фестивал“ вечерва ги доделува наградите и го затвора 26. издание
Свеченото затворање е закажано за 19 часот, кога петчленото меѓународно жири ќе ги соопшти добитниците на годинашните награди и признанија.
Дваесет и шестото издание на „Скопскиот филмски фестивал“ вечерва ќе биде затворено во кино „Фросина“, со доделување на наградите за најдобрите филмски остварувања во натпреварувачката програма. Фестивалската програма ќе заврши со проекција на филмот „Електричен бакнеж“ во режија на Пјер Салвадори, чија светска премиера беше на отворањето на годинашниот Кански филмски фестивал.
Свеченото затворање е закажано за 19 часот, кога петчленото меѓународно жири ќе ги соопшти добитниците на годинашните награди и признанија.
Во жирито се британскиот филмски продуцент Стив Абот, филмската селекторка од Берлинскиот филмски фестивал Даниела Вебер, актерката и продуцентка Лабина Митевска, српскиот режисер и сценарист Павле Вучковиќ и македонскиот филмски и телевизиски режисер и сценарист Даријан Пејовски.
Во натпреварувачката програма ќе бидат доделени наградата „Скополија“ за најдобар филм, наградата „Скопје“ за најдобра режија, специјално признание за најдобар филм и специјална награда од млади синеасти.
На отворањето на фестивалот, на 4 ноември, беше врачена почесната награда „Златна скополија“ за исклучителен придонес во светската кинематографија на полските режисери Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт. По тој повод беше прикажан и нивниот филм „Идиоти“.
Годинашното издание на фестивалот беше промовирано со модернизиран концепт, збогатена програма и поголемо меѓународно присуство.
„Скопскиот филмски фестивал“ е основан во 1998 година, а со новиот концепт се најавува осовременување на неговата програмска структура и начинот на претставување.
