Статистика

Инфлацијата во октомври 0,4 отсто, трошоците на животот за една година зголемени за 3,3 отсто

09.11.2026 14:21

Најголемо месечно зголемување е забележано кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците, а кај храната и безалкохолните пијалаци растот изнесува 0,7 отсто.

Инфлацијата во октомври годинава изнесува 0,4 отсто во споредба со септември, додека трошоците на животот се повисоки за 3,3 отсто во однос на истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика. Најголемо месечно зголемување е забележано кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците, а кај храната и безалкохолните пијалаци растот изнесува 0,7 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во октомври, во споредба со претходниот месец, трошоците на животот во групата алкохолни пијалаци, тутун и наркотици се зголемиле за 2,5 отсто.

Раст од 1,2 отсто е регистриран кај рекреацијата, спортот и културата, како и кај облеката и обувките. Кај храната и безалкохолните пијалаци зголемувањето изнесува 0,7 отсто, кај домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива 0,3 отсто, а кај здравствената заштита 0,1 отсто.

Од друга страна, намалување на трошоците на животот е регистрирано кај покуќнината и опремата за домаќинствата за 1,3 отсто, рестораните и услугите за сместување за 0,7 отсто, личната нега и разновидните стоки и услуги за 0,5 отсто, како и транспортот за 0,3 отсто.

На годишно ниво, индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,2 отсто, додека на месечно ниво е регистриран раст од 0,2 отсто.