Намален бројот на одобренија за градење за 19,4 отсто
Според податоците на Државниот завод за статистика, предвидената вредност на објектите изнесува 4 милијарди 527 милиони 792 илјади денари, што претставува намалување од 36,4 отсто во однос на септември минатата година.

Бројот на издадени одобренија за градење во септември годинава е намален за 19,4 отсто во споредба со истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика. Во извештајниот период се издадени 253 одобренија, а предвидена е изградба на 919 станови со вкупна корисна површина од 67.878 квадратни метри.
Според податоците на Државниот завод за статистика, предвидената вредност на објектите изнесува 4 милијарди 527 милиони 792 илјади денари, што претставува намалување од 36,4 отсто во однос на септември минатата година.
Од вкупниот број одобренија, 166 или 65,6 отсто се за објекти од високоградба, 26 или 10,3 отсто за нискоградба, додека 61 одобрение или 24,1 отсто се однесуваат на реконструкција.
Најголем дел од инвеститорите се физички лица. Тие се јавуваат како инвеститори кај 163 објекти или 64,4 отсто од вкупниот број, додека кај 90 објекти инвеститори се деловни субјекти.
Најмногу одобренија за градење во септември се издадени во Скопскиот Регион, вкупно 73.
