Шасивари се сретна со новиот турски амбасадор Алпер Акташ
Шасивари, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Скопје, Алпер Акташ, на која беа разгледани можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка во областа на правдата и поддршката на реформските процеси.

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Скопје, Алпер Акташ, на која беа разгледани можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка во областа на правдата и поддршката на реформските процеси.
Министерот Шасивари му посака добредојде на амбасадорот Акташ и успех во извршувањето на неговата дипломатска мисија, нагласувајќи дека традиционално добрите односи меѓу двете земји претставуваат цврста основа за развивање нови форми на институционална соработка.
Во фокусот на разговорите беа реформите во правосудниот систем, јакнењето на институционалните капацитети и размената на искуства и експертиза. Беа разгледани можностите за организирање специјализирани обуки, студиски посети и заеднички активности, особено преку соработката меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и релевантните турски институции, со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).
На средбата беше истакнато и значењето на соработката во справувањето со современите форми на криминал, вклучително и компјутерскиот криминал, како и потребата од континуирано унапредување на професионалните капацитети во правосудството.
Министерот Шасивари се осврна и на своето учество на Меѓународниот самит за правда во Истанбул, каде што оствари билатерална средба со турскиот министер за правда, Акин Ѓурлек. Беше нагласено дека воспоставениот дијалог на министерско ниво претставува дополнителна можност за конкретизирање на заедничките иницијативи.
Двајцата соговорници изразија подготвеност за продолжување на редовната комуникација и за интензивирање на соработката меѓу надлежните институции, со акцент на проекти и активности што ќе придонесат за модернизација на правосудството, поефикасни институции и зајакнување на владеењето на правото.
