Македонија

Мицкоски: До Владата не е и нема да биде доставено барање правосудниот испит да се полага на албански јазик

09.11.2026 17:31

По заканата од ЗНАМ за можно напуштање на Владата, премиерот Мицкоски дециден - правосудниот систем мора да биде по принципот на „франка лингва“, а тоа е македонскиот јазик. Тој појаснува дека нема решение со кое правосудниот испит ќе се полага на албански јазик во целост, туку комбиниран модел...

Правосудниот систем мора да биде по принципот „франка лингва“ категоричен е премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи дека до Владата не e и нема да биде доставено барање, правосудниот испит да се полага само на албански јазик. Решението кое е на маса содржи два дела, делот од правосудниот испит во кој се симулира судски процес, и натаму ќе се полага на македонски јазик, појасни Мицкоски.

Жестоките реакции на албанскиот корпус партии дојде по ставот на ЗНАМ за оваа прашање. Оттаму претходно предупредија дека, доколку помине предлогот на министерот за правда Јетон Шасивари испитот да се полага комбинирано – теоретскиот дел на албански, а практичниот на македонски јазик, тие ќе ја напуштат владината коалиција.

„Во моментов не постои уставна и законска основа правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ова не е прашање на нечии етнички чувства или политички амбиции, туку прашање на доследна примена на правниот поредок. Токму затоа, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, побара лидерска средба со коалициските партнери, на која отворено и одговорно ќе се разговара за ова прашање, ќе се дефинираат принципите и ќе се утврдат црвените линии“, децидни се од ЗНАМ.

Коалицискиот партнер ВЛЕН, пак, го поддржува предлогот за полагање на писмениот дел од правосудниот испит на јазикот на кој е завршено високото образование, а усниот дел на македонски јазик.

За Интегративците, правото на полагање на мајчин јазик е загарантирано со Законот за употреба на јазиците и какви било пречки за ова, претставуваат кршење на законот и политичко пазарење.

 

Марина Стојанова Тонева