Нова фабрика на „АСП-ПАК“ во стратешко партнерство со Владата
Започна изградба на новата фабрика на „АСП-ПАК“ во Охрид. Новиот производствен комплекс, треба да донесе двојно поголемо производство, современа технологија и нови можности за вработените. Проектот се реализира во рамки на стратешко партнерство со Владата, а од компанијата најавуваат повисоки плати и поголема конкурентност на странските пазари.

Инвестиција вредна над 10 милиони евра, нов производствен комплекс во стратешко партнерство со Владата. Во Охрид денеска беше поставен камен-темелникот на новата фабрика на „АСП ПАК“, компанија која произведува полиетиленска плетена амбалажа и заштитни мрежи за земјоделството, градежништвото и индустријата.
Со новиот капацитет, модернизацијата и напредната технологија производството двојно ќе се зголеми, а ќе порасне и бројот на вработени.
„Нашите цели се конкретни. Со завршување на овој проект, минимална нето-плата од 1.000 евра, просечна плата од 1.500 до 2.000 евра, 100 проценти квалитет, преполовени рокови за испорака и двојно поголем производствен капацитет“, изјави Кирил Спасески, „АСП ПАК“.
„Новиот производствен комплекс претставува значаен инвестициски чекор и потврда дека Охрид има потенцијал да придонесе кон развојот на македонското стопанство. Партнерството помеѓу Владата, бизнис-секторот и локалната самоуправа е особено важно за јакнење на локалната економија“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Со околу 1.000 производи во своето портфолио и пласман на над 50 пазари, охридската компанија е меѓу значајните производители на меѓународниот пазар.
„Во „АСП ПАК“ најдовме партнер кој ги разбира нашите потреби и доследно ги исполнува нашите барања, од година во година“, изјави Руди Медар Шарл ван Хасбрук, белгиски деловен партнер.
„Ние со години заедно ги надминувавме пазарните предизвици, силната конкуренција и постојано работиме на подобрување на квалитетот на производите“, изјави Боаз Шалом, израелски деловен партнер.
Новата фабрика ќе биде современ производствен комплекс со роботизација, автоматизација и примена на вештачка интелигенција. Инвестицијата треба да донесе нов импулс за локалната економија.
Соња Рилковска
