Ново рочиште за обвинетата Ива Михаилова, ѝ се суди во отсуство
Во кочанскиот суд продолжи судењето за Ива Михаилова, без нејзино присуство. Судот го одби барањето Михаилова на рочиштето да учествува онлајн. Обвинителството побара вештачење на медицинската документација, одбраната против.

Во кочанскиот суд продолжи судењето за Ива Михаилова, но обвинетата за тешката сообраќајка на автопатот Штип-Кочани, во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, не седна на обвинителната клупа. Преку нејзиниот адвокат Димитров побарала со видеоконференциска врска од Бугарија да учествува на рочиштето пред судот во Кочани.
„Мојот адвокат поднесол молба јас да можам да учествувам онлајн од тука. Очекуваме да видиме дали Обвинителството и судот ќе ја прифатат нашата молба, и јас да се вклучам онлајн“, вели Михаилова.
Кочанскиот суд го одби барањето. Судијата Спиро Борисов образложи дека според законот за кривична постапка ваква можност има кога треба да се испитаат сведоци или вештаци, а не и обвинети лица. Обвинителството пак побара вештачење на медицинската документација за здравствената состојба на Ива. Одбраната тврди дека Ива не е виновна за сообраќајката.
„Многу цврсти материјални докази дека обвинетата се движела сосема право на својата патека на движење и дека другото возило навлегло на нејзината лента. Мислам дека ќе се успее сепак на една таква видео конференција таа да се појави. Во никој случај таа не избегала како што тоа сака да се прикаже, туку била принудена да одбегне инвалидност, да биде на лекување“, изјави адвокат на Михаилова.
На судењето присуствуваа од семејството на загинатиот Дурмиши, но и претставници од адвокатската канцеларија на адвокатот на Михаилова, Николај Димитров.
Ива Михаилова повеќе не е во болницата „Пирогов“ во Софија, каде беше примена веднаш по нејзиното бегство од Македонија. Со нејзиниот адвокат Димитров за бугарските медиуми изјавија дека границата ја поминале легално, преку официјален граничен премин. Од македонското МВР пак, велат дека Михаилова не ја напуштила државава на легален начин. Се уште трае истрагата за бегството на Михаилова, за која веднаш беше распишана меѓународна потерница, а кочанскиот суд и одреди 30-дневен притвор. Бугарските власти потврдија дека ниту ја бараат, ниту ќе ја предадат Ива.
Премиерот Мицкоски пак изјави дека кога-тогаш Михаилова и нејзиниот татко, кој е осуден на 12 години затвор и е во бегство, ќе се соочат со правдата во земјава.
Милчо Велески
