Ново рочиште
Во кочанскиот суд продолжи судењето за Ива Михаилова, без нејзино присуство. Преку нејзиниот адвокат Димитров, побарала на рочиштето да учествува онлајн. Судот го одби барањето.

Во кочанскиот суд продолжи судењето за Ива Михаилова, но обвинетата за тешката сообраќајка на автопатот Штип-Кочани, во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, не седна на обвинителната клупа. Преку нејзиниот адвокат Димитров побарала со видеоконференциска врска од Бугарија да учествува на рочиштето пред судот во Кочани.
„Мојот адвокат поднесол молба јас да можам да учествувам онлајн од тука. Очекуваме да видиме дали Обвинителството и судот ќе ја прифатат нашата молба, и јас да се вклучам онлајн“, вели Михаилова.
Кочанскиот суд го одби барањето. Обвинителството пак побара побара вештачење на медицинската документација за здравствената состојба на Ива. Нејзината одбрана беше против. Последниот збор ќе го има судот. На рочиштето разгледани две вештачења, изработени по нарачка на одбраната. На судењето присуствуваа од семејството на загинатиот Дурмиши, но и претставници од адвокатската канцеларија на адвокатот на Михаилова, Николај Димитров.
Ива Михаилова повеќе не е во болницата „Пирогов“ во Софија, каде беше примена веднаш по нејзиното бегство од Македонија. Со нејзиниот адвокат Димитров за бугарските медиуми изјавија дека границата ја поминале легално, преку официјален граничен премин. Од македонското МВР пак, велат дека Михаилова не ја напуштила државава на легален начин.
Се уште трае истрагата за бегството на Михаилова, за која веднаш беше распишана меѓународна потерница, а кочанскиот суд и одреди 30-дневен притвор. Бугарските власти потврдија дека ниту ја бараат, ниту ќе ја предадат Ива. Премиерот Мицкоски пак изјави дека кога-тогаш Михаилова и нејзиниот татко, кој е осуден на 12 години затвор и е во бегство, ќе се соочат со правдата во земјава.
Михаилова кажа и дека во Бугарија започнала лекување и рехабилитација, а дека постои можност да биде упатена во Израел.
Милчо Велески
