Крива Паланка

Да се прогласи кризна состојба во Крива Паланка бара општината

09.11.2026 20:01

Неконтролираното движење на 1.000 грла крупен добиток низ Крива Паланка сè уште предизвикува огромни штети. Локалната власт бара Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба. Доколку институциите не преземат мерки, најавуваат протести и блокада на магистралниот пат кон Бугарија.

Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток, бараат од Крива Паланка. Над 1.000 грла добиток продолжуваат да уништуваат земјоделски насади, приватни и јавни површини и да ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот. Бараат помош од Владата, откако Кризниот штаб оценил дека надлежните агенции немаат капацитет, можности, специјализирани возила и простор за сместување на заловените животни.

„Што уште треба да се случи за институциите да профункционираат? Уште колку штета треба да претрпат овие луѓе зад мене? Кој ќе ја преземе одговорноста за нивната мака? Пред очи им пропаѓа сè што со месеци работеле и во што ги вложиле нивните пари. Денес отворам и сериозно прашање: кој ја следи здравствената состојба на добитокот?“, праша градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Општина Крива Паланка од 2022 година доставува пријави и иницијативи до надлежните институции. Поднесена е и кривична пријава за мачење животни. Во 2024 година се донесени и правосилни решенија за трајно одземање на животните. Жителите бараат некој да ги слушне.

„Шетаат пред врати, кал прават, кршат огради. Прават штети и на земјоделските површини“, истакна еден жител.

„Колкава е штетата? Не знам. Уништена ми е целата бавча со пиперки и патлиџани. Кај мене првпат се случува. Пријавив сега во полиција, ми велат дека доцна е“, нагласи друг мештанин.

„Ми изедоа 300 килограми зелка“, истакна еден жител.

„Огромни штети прават. Бавчи, дрва, сè направија лом. Земјиштето е преорано, не може ниту да се коси, ниту да се обработува. Пред два дена поминаа во три тури, по дваесет грла дневно. Тоа е невидлива штета“, дополни друг граѓанин.

„Нивата ми е оградена со плетена жица, со ровови, а жицата е подигната нагоре. Отидовме да береме грав, од гравот нема ниту Г. Сè е извадено, а компирите ја изеле тревата, па сигурно две вреќи фрлив“, нагласи друга жителка.

„Завчера крави со телиња влегоа во училишниот двор. Децата не можеа да излезат од училиштето и тоа е жалосно“, дополни граѓанин.

Доколку надлежните итно не постапат, жителите и градоначалникот на Крива Паланка најавуваат мирни протести, но и блокада на магистралниот пат што води кон границата со Бугарија.

Елена Георгиевска