Алта банка не оди во стечај
Алта банка ќе ја спасиме, ќе добие нов сопственик, вели премиерот Мицкоски. До крајот на месецов или во почетокот на декември ќе биде преземена од друга финансиска институција.

Премиерот Мицкоски е оптимист, Алта банка-АД Битола нема да оди во стечај и дека наскоро ќе добие нов сопственик. Потврди дека изминатите денови лично бил ангажиран во изнаоѓање решение за банката и очекува нејзино преземање од друга финансиска институција до крајот на месецов или во почетокот на декември.
Според шефот на Владата, опозицијата води кампања за создавање паника кај граѓаните и посакувала банката да заврши во стечај. Таквото сценарио нема да се реализира, а опозицијата ќе биде разочарана од позитивниот исход, категоричен Мицкоски. И тој побара Обвинителството да отвори случај и да поведе истрага за случајот Алта банка-Битола.
Претходно гувернерот Трајко Славески изјави дека по истекување на рокот во кој српскиот регулатор треба да даде согласност за продажба на акциите во битолската филијала на Алта банка, Народна банка со или без согласност планира да ги даде на аукција преку Македонска берза.
Миле А. Ристески
