Внимателно се следат цените, ќе има мерки ако се утврдат неоправдани поскапувања
Инфлацијата во октомври повисока за 0,4 проценти во однос на септември, на годишно ниво за 3,3 отсто. Министерството за економија уверува – внимателно се следат движењата кај основните прехранбени производи, ако се утврдат неоправдани поскапувања ќе има мерки.

Инфлацијата во октомври годинава повисока за 0,4 проценти во однос на септември. На годишно ниво, во споредба со октомври минатата година, трошоците на живот се зголемени за 3,3 проценти, според најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Најголем месечен раст на цените е регистриран кај алкохолните пијалаци и тутунот, за 2,5 проценти. Поскапеле и облеката и обувките, а храната и безалкохолните пијалаци за 0,7 проценти. Зголемување на трошоците е забележано и кај домувањето и режиските трошоци, како и кај здравствената заштита. Поскапото гориво се отслика и во податоците на Статистика – транспортот во октомври годинава е за 9,5 отсто поскап во однос на лани. Индексот на цените на мало во октомври, споредено со истиот месец лани, бележи раст од 3,2 проценти.
Надлежните уверуваат дека институциите се подготвени навремено да реагираат доколку се појават неоправдани поскапувања или дополнителни притисоци врз семејните буџети.
„Доколку се утврдат неоправдани ценовни зголемувања или дополнителни притисоци врз животниот стандард, во координација со надлежните институции ќе се разгледа потребата од преземање соодветни мерки“, нагласуваат од Министерството за економија и труд.
Заштитата на куповната моќ на граѓаните, стабилноста на пазарот и внимателното следење на ценовните движења остануваат во фокусот на Министерството за економија и труд.
Александра Велинова
