Во Охрид одбележани 1.000 години од смртта на Цар Самоил
Охрид денеска ја одбележа 1.000 годишнината од смртта на големиот македонски владетел, Цар Самоил. Oхридскиот градоначалник упати порака до сите оние кои сакаат да ја присвојат оваа македонска историска личност, дека тој е основоположник на Македонското средновековно царство...
Во последно време историчари од некои соседни земји за дневно- политички цели прават обиди да ја присвојат историјата на Македонија, вклучително и наследството на цар Самоил, неговото потекло и периодот на неговото живеење, Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, на денешното одбележување на илјада годишнината од смртта на големиот македонски владетел порача дека секогаш при градење на едно научно-историско сознание треба да се користат научни факти.
„Ние како граѓани на Република Македонија и како охриѓани го сметаме Цар Самоил како наш, основоположник на македонското средновековно царство и како таков го прославуваме“, изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески
Режисерот Антонио Митриќески кој се зафати со новиот проект за животот на цар Самоил, откри дел од содржината и локациите на филмот, најавувајќи го како историски спектакл.
„Филмот ќе биде драма меѓу два цара. Едниот е Василиј 2, кој бил голем император, еден од најсилните Василевци и од друга страна Цар Самоил, кој се бори против него и го формира првото Македонско средновековно царство“, истакна режисерот Антонио Митриќески.
Големиот филмски проект ќе се снима во Охрид, Преспа, Прилеп и на други локации низ земјата, а во него ќе биде вклучена голема македонска актерска екипа.
Сашо Нелоски
