Шасивари и Рокас разговараа за напредокот во правосудството и приоритетите на европските реформи
Напредокот во реформите во правосудството и исполнувањето на препораките од Европската комисија биле во фокусот на средбата меѓу министерот за правда Јетон Шасивари и евроамбасадорот Михалис Рокас.

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас. На средбата се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформите во правосудството и за понатамошните приоритети во процесот на европска интеграција.
Амбасадорот Рокас му го презентираше на министерот Шасивари Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со посебен акцент на оценките и препораките што се однесуваат на надлежностите на Министерството за правда.
На средбата беше поздравен досегашниот напредок во спроведувањето на реформите во правосудството, како и подобрувањето на оценките во актуелниот извештај во споредба со минатогодишниот. Истовремено, беше нагласена важноста од одржување на реформската динамика и продолжување на институционалните заложби за исполнување на препораките на Европската комисија и обврските што произлегуваат од Реформската агенда.
Министерот Шасивари изрази благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија, истакнувајќи дека позитивните оценки се потврда за досегашната работа, но и дополнителна одговорност за продолжување на реформите насочени кон зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството и ефикасноста на правосудните институции.
На крајот од средбата беше потврдена заедничката посветеност за продолжување на тесната соработка меѓу Министерството за правда и Делегацијата на Европската Унија, со цел досегашниот напредок да се преточи во конкретни и одржливи резултати за граѓаните.
