Муцунски во работна посета на Литванија, се отвора македонска амбасада во Вилнус
Македонија го зајакнува дипломатското присуство во балтичкиот регион. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска е во работна посета на Литванија, каде што ќе биде отворена македонската амбасада во Вилнус. Предвидена е и средба со литванскиот шеф на дипломатијата, Кештудис Будрис, на која ќе се разговара за билатералната и економската соработка, евроинтеграциите и безбедносните предизвици.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе престојува во работна посета на Литванија, каде што ќе биде отворена македонската амбасада во главниот град Вилнус.
Централен настан во рамките на посетата ќе биде свеченото отворање на новата Амбасада на Република Северна Македонија во Вилнус, што претставува значаен чекор кон натамошно зајакнување на дипломатското присуство на државата и продлабочување на билатералните односи и соработката со Литванија и поширокиот балтички регион, соопштуваат од Министерството.
За време на престојот во Вилнус, министерот Муцунски ќе оствари билатерална средба со својот литвански колега, Кештудис Будрис. Во фокусот на разговорите ќе бидат натамошното унапредување на политичкиот дијалог, интензивирањето на економската соработка и евроинтегративните процеси.
Двајцата министри ќе разменат мислења и за актуелните безбедносни предизвици, како и за соработката во рамките на евроатлантското сојузништво.
Од Министерството посочуваат дека посетата на Муцунски на Вилнус се реализира во значаен момент, во пресрет на претседавањето на Литванија со Советот на Европската Унија во првата половина на 2027 година – период од особено значење за политиката на проширување и европските интегративни процеси.
