Украина, Русија и САД на преговори во Абу Даби, Европа бара поголема улога
Во Абу Даби почнуваат дводневните мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД. Киев најавува конкретни предлози за деескалација и бара договор за средба на лидерско ниво. Паралелно, на состанокот на Г7 во Париз, европските земји инсистираат да бидат вклучени во мировниот процес.

Во Абу Даби почнуваат дводневните трилатерални мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД. Киев најавува предлози за деескалација и иницијатива за одржување можна средба на лидерско ниво.
„Нашиот тим ќе предложи чекори за деескалација. Мора да има договор за трилатерална средба на лидерско ниво, со цел праведно да се стави крај на војната“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, на состанокот на Г7 во Париз, европските лидери бараат поголема улога во мировниот процес. Германија порача дека решение за војната не е можно без учество на Европа, додека шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, повика најпрво да се постигне прекин на огнот, изразувајќи сомнеж во подготвеноста на Москва за преговори. Вашингтон, пак, не ја исклучува европската улога, но смета дека сè уште не е време за неа.
