Светски ден на науката за мир и развој

Рекордни 773 милиони денари за наука, најавен забрзан развој на научно-истражувачката дејност

10.11.2026 11:32

Со рекорден буџет од 773 милиони денари и нови мерки за поддршка на научниците, државата го одбележува Светскиот ден на науката за мир и развој. Министерството за образование и наука посочува дека се зголемуваат инвестициите во научно-истражувачката дејност, се обезбедува бесплатен пристап до светските научни бази на податоци и се покриваат трошоците за објавување научни трудови и учество на конференции.

Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 ноември, годинава го одбележуваме со видливи резултати во научно-истражувачката дејност. Напредокот го нотира и Европската комисија во Извештајот за напредокот на државата за 2026 година, оценувајќи дека е постигнат добар напредок во остварувањето на целите од Акцискиот план на Стратегијата за паметна специјализација, преку основањето и ставањето во функција на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, како и продолжувањето на учеството во европските програми за наука и иновации.

Овие резултати ја потврдуваат посветеноста на Владата и на Министерството за образование и наука кон поттикнување на научните истражувања и иновациите.

Имаме јасна цел: да ги зајакнеме капацитетите за научно-истражувачка дејност и да го зголемиме влијанието на научните резултати врз општеството и економијата. Тоа го поддржуваме преку континуирано зголемување на буџетот за наука, со цел да ѝ обезбедиме на научната заедница неопходни ресурси и поддршка.

Годинашниот буџет изнесува рекордни 773 милиони денари, што претставува зголемување во споредба со 680 милиони денари минатата година и повеќе од двојно зголемување во однос на 380 милиони денари издвоени пред две години. Резултатите се веќе видливи. Минатата година поддржавме околу 50 двогодишни научни проекти, кои сега се во завршна фаза.

Презедовме и конкретни активности за зголемување на научната продукција. Обезбедивме бесплатен пристап до главните глобални научни бази на податоци „Web of Science“ и „Scopus“ за научниците и академските професори. Ги покриваме трошоците за објавување научни трудови во списанија со импакт-фактор, за организација на домашни и учество на меѓународни научни конференции, како и за објавување зборници.

Системски инвестираме во науката и ги отстрануваме бариерите за нашите научни работници да можат да се натпреваруваат и да соработуваат на глобално ниво, а нивните резултати да создаваат вистинска вредност во земјата.

Наш стратешки приоритет останува забрзаниот развој на науката и подоброто позиционирање на македонските универзитети на глобалните ранг-листи.