Пресечена меѓународна мрежа за криумчарење мигранти
Како и во многу случаи и овој пат, мигрантите биле пренесувани преку однапред одредена траса. Имало чистач на патот и надзор кој го следел нивното превезување...

МВР разби дел одмеѓународна мрежа за криумчарење мигранти. Уапсени се девет лица, едно е во бегство. Мозок на групата бил Пакистанец по чија директива мигрантите биле преземани од граничниот премин кај Гевгелија и транспортирани до кумановско Ваксинце и Лојане. Ги криеле во куќи. По илегални патишта требале да стигнат во Србија.
„Во домот на лицето од Ваксинце се пронадјени 37 илегални мигранти од Сирија меѓу кои и 4-то пријавениот пакистански државјанин. Денеска ќе биде поднесена кривична пријава против 13 лица сторени кривични дела“, изјави министерската за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Како и во многу случаи и овој пат, мигрантите биле пренесувани преку однапред одредена траса. Имало чистач на патот и надзор кој го следел нивното превезување.
Организираната колона била од Валандово до Куманово. Трансферот на пари се вршел преку „Вестер унион“. Транзитот низ Македонија чинел 1.500 евра по мигрант.
МВР и натаму работи на целосно откривање и на другите членови на оваа криминална група, која подолг период криумчарела мигранти низ државава.
Викторија Тодоровска
