МВР

„Безбеден град“ освои меѓународна награда за сообраќајна безбедност во Дубаи

10.11.2026 12:36

Проектот на МВР е избран за најдобар во конкуренција со полициските служби на Сингапур, Абу Даби и Дубаи. Од почетокот на примената на системот, бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 31,5 проценти, информира министерот Панче Тошковски.

Проектот „Безбеден град“ на Министерството за внатрешни работи го освои првото место во категоријата „Извонредност во сообраќајната безбедност“ на Светскиот полициски самит во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. Во конкуренција со повеќе од 700 номинации од над 60 држави, македонскиот проект беше избран за најдобар меѓу кандидатите од Сингапур, Абу Даби, Дубаи и индиската држава Махараштра.

Признанието денеска го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој ги презентираше и резултатите од примената на системот. Според податоците на МВР, во периодот од февруари до октомври годинава, бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален од 108 на 74 лица, односно за 31,5 проценти во споредба со истиот период лани.

На ниво на целата година, односно во периодот јануари – октомври, на патиштата загинале 85 лица, наспроти 117 во истиот период минатата година. Намален е и бројот на тешко повредени, од 872 на 748 лица, што претставува намалување од 14,2 проценти.

Тошковски истакна дека меѓународното признание е потврда за резултатите од воведувањето на системот, законските измени, дигитализацијата на институционалните постапки и засилените полициски контроли.

Министерот нагласи дека целта на „Безбеден град“ не е наплатата на казни, туку намалување на опасното возење и последиците од сообраќајните несреќи. Како долгорочна цел ја посочи „Визија нула“ – сообраќај без загинати и тешко повредени лица.

Официјалното доделување на наградата е предвидено за 18 ноември во Дубаи.