Инвестиции во развој за поголем извоз

06.10.2014 16:15

Kомпаниите да бидат иновативни за да ги намалат трошоците за работа, да ја подобрат конкурентноста и да го подигнат извозот. Стопанската комора со апел до бизнисмените: да инвестираат во својот развој. Особено е проблематичен извозот на вода на странските пазари....

Во домашните маркети ќе најдете природни и минерални води од Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Грција, но ретко ќе видите македонски бренд во тамошните продавници. Производителите велат дека странците добро го штитат својот пазар, а чест проблем се и бирократските бариери, што го прави извозот непрофитабилен.

„Нормално дека и ние како производители треба да поработиме на таа проблематика. Инаку интересни пазари се азиските, емиратите. Таму се температурите повисоки и водите се поретки и мислам дека тие пазари се подобри за потрошувачка, вели Митко Јанчев, бизнисмен.

Многу е тешко, речиси невозможно, да извезете минерална вода, велат производителите. Се бараат куп разни тестови, се инсистира на испитувања и стандарди, се билдаат нетарифни бариери, што го прави извозот неатрактивен. Сепак домашниот пазар е мал за 26 производители  и сите размислуваат за извозни аранжмани.

,,Извозот бележи раст од 5% количински, односно 11% вредносно. Истовремено увозот на вода има тренд на опаѓање за 27% количински, односно 9% вредносно“, вели Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанска комора на Македонија.

Дел од компаниите веќе почнаа да инвестираат во модернизирање на производството и воведување иновативна амбалажа, атрактивен дизајн, а размислуваат и за посериозни промотивни кампањи за пробив  на странските пазари.

Свето Николовски