Русија и Украина на преговарачка маса под медијаторство на САД
Под медијаторство на САД, почнаа дводневните трилатерални преговори за ставање крај на војната во Украина. Киев предлага чекори за деескалација и средба на највисоко ниво, додека европските земји бараат поголема улога во мировниот процес. И покрај дипломатските напори, руските напади продолжуваат, а засега нема сигнали за приближување на позициите на Москва и Киев.
Русија и Украина, под медијаторство на САД, седнаа на преговарачка маса за ставање крај на петгодишниот конфликт. Киев нуди предлози за стопирање на нападите и отворање пат за можна средба на највисоко ниво.
„Нашиот тим ќе предложи чекори за деескалација. Мора да има договор за трилатерална средба на лидерско ниво, со цел праведно да се стави крај на војната“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Пред почетокот на дводневните трилатерални преговори, американските медијатори Виткоф и Кушнер на средбите со украински и европски претставници порачале дека секое идно решение мора да обезбеди веродостојни безбедносни гаранции за Украина, а НАТО ќе остане клучен за колективната одбрана.
„Разговорите се одвиваа заеднички меѓу САД, Украина и европските партнери, одразувајќи ги заедничките цели и посветеноста на евроатлантската безбедност. Учесниците нагласија дека сите идни договори мора да ги почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и да обезбедат веродостојни безбедносни гаранции“, објави Стив Виткоф, специјален пратеник на САД.
Европските земји бараат поголема улога во мировните преговори. Германија порача дека нема решение без Европа, а шефицата на европската дипломатија Калас побара примирје пред преговорите.
„Европа мора да биде на преговарачката маса. Не постои решение без Европа“, изјави Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.
„Немам големи очекувања од овие разговори, бидејќи досега не видовме знаци дека Русија е подготвена да преговара со добра волја. Сакаме најпрво да видиме прекин на огнот и запирање на нападите врз цивилите и цивилната инфраструктура“, рече Каја Калас, потпретседателка на Европската комисија.
САД не се противат европските земји да бидат вклучени во преговорите, но сметаат дека сè уште не е време за тоа.
„Никогаш не сме биле против тоа. Досега Русија беше таа што не сакаше директно учество на Европејците. На крајот, тоа би било позитивен развој, но сè уште има долг пат до тоа“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
И покрај најновиот дипломатски обид за мир во Украина, нападите не запираат. Русија изврши напад непосредно пред почетокот на преговорите во Абу Даби. Засега нема сигнали дека Москва и Киев се подготвени да отстапат од своите клучни барања.
Ирина Гелевска
