Македонски генетичар: Не треба да си играме богови

06.10.2014 16:24

Човекот е совршен онаков како што го создала природата не треба да си играме богови, туку да дејствуваме за лекување болески, смета македонскиот генетичар Петар Митриќески кој со години работи во иститутите во Хрватска. Македонската генетичка наука има големи потенцијали...

Негова прва љубов е молекуларната биологија, а тесна специјалност генетиката. Работи во приватен институт во Хрватска, соработник е на Инситутот Руџер Бошковиќ. 46 годишниот прилепчанец Петар Митриќески во својата лабораторија работи на поправањето на генетичкиот материјал на клетките, пресуден за еволуцијата.

„Ако не го поправа генетичкиот материјал, опстојноста на клетката е во прашање, а со тоа и самиот организам. Значи ние директно навлегуваме тука во одржувањето на кондицијата на генетичкиот материјал“, вели Петар Томев Митрикески, генетичар.

 Науката не признава етика, но категоричен е – не треба да си играме богови.

„Она што е создадено од природата, или од творецот, кој како милува, е совршено и не може да се подобрува. Она што ние можеме да направиме евентуално да понудиме некоја можност, технолошка, која е прифатлива на начин да не нанесува штета. Ако може да помогнеме во некои болести“, вели Митрикески.

За ракот успех ќе биде ако стане хронична болест, да се продолжи животот на човекот со терапија. Секое ново сознание, ја грее душата на научникот.

„Имате чувство дека сте единствениот човек во тој момент кој го знае тоа. И тоа е она што е најинтересното во науката. Во моментот треба да уживате“, вели генетичарот Митрикески.

Македонија има научни потенцијали. Соработува со Центарот за генетичко истражување при МАНУ. Препорачува соработка на балканските центри.

„Македонија треба да се ориентира спрема фондовите што се нудат од Брисел. Воедно, конечно решение е влегување на Македонија во Европската унија. Многу полесно ќе и биде на Владата да финансира наука доколку има подобри врски со Европската унија“, смета македонскиот генетичар Петар Томов Митрикески.

Македонскиот научник Петар Митриќески неуморно ги истражува генетичките промени заслужни за нашиот опстанок.

Елизабета Митреска