Клиентите на Алта банка од денес можат да користат електронско и мобилно банкарство, утре се отвора експозитурата во Скопје
Народната банка продолжува со постепено олеснување на условите за клиентите на Алта банка. Од денес се достапни електронското и мобилното банкарство во рамките на утврдените лимити, а од утре повторно ќе работи и експозитурата во ТЦ „Бисер“ во Скопје.

Клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола од денеска ќе можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, соопшти Народната банка, која продолжува со постепено олеснување на условите за располагање со средствата и користење на банкарските услуги.
Услугите ќе бидат достапни во рамките на утврдените лимити – до 15.000 денари неделно за клиентите кои поседуваат платежни картички и до 20.000 денари за две недели за оние кои немаат платежни картички.
Лимитот се применува збирно за сите сметки во Банката и ги опфаќа плаќањата со картички во трговијата и електронската трговија, повлекувањето готовина од банкомати и на шалтер во експозитурите, како и плаќањата преку електронско и мобилно банкарство.
Од утре со работа ќе започне и експозитурата на „АЛТА банка“ во Скопје, која се наоѓа во Трговскиот центар „Бисер“, на булеварот „Јане Сандански“ бр. 1/1. Со тоа, клиентите од Скопје и околината ќе добијат полесен пристап до банкарските услуги, без потреба да патуваат во други градови.
Продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово. Таму клиентите и досега можеа да подигнуваат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Од Народната банка информираат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата во „АЛТА банка“ и да преземаат активности за постепено проширување на достапноста на банкарските услуги.
Банката продолжува да работи, а привремената администрација е заштитна мерка што се применува до разрешување на сопственичката состојба. Приоритет останува заштитата на интересите на клиентите и зачувувањето на стабилноста на Банката.
