Македонија

Владата бара итно мислење од Венецијанската комисија за моделот за правосудниот испит

10.11.2026 15:13

Владата ја усвои потребата од добивање итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит. Меѓународните експерти ќе ја оценуваат усогласеноста на решението со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди, а предвидени се средби со институциите, политичките партии, правните факултети и студентските организации.

Владата на денешната седница ја усвои потребата од добивање итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит.

Целта е да се обезбеди независна меѓународна експертска оцена за усогласеноста на предложеното решение со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.

Во рамките на постапката, известителите на Венецијанската комисија ќе остварат средби со претставници на релевантните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации.

Предвидени се и практични демонстрации на писмениот дел од испитот во Апелациониот суд во Скопје, како и на усниот дел во Министерството за правда.

Предложениот модел предвидува единствен систем на полагање, со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди.

Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, во кое се застапени 61 држава членка, и ќе обезбеди независна меѓународна експертска перспектива во оценувањето на предложеното законско решение.

Од Владата посочуваат дека определбата е законите да се темелат на Уставот, правото и европските стандарди, а решенијата да произлегуваат од правни аргументи и стручна анализа.