Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе расправа за измените и дополнувањата на Кривичниот законик
Во Собранието денеска се закажани три седници...

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе одржи седница, на чин дневен ред е Предлог на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка.
Со предложените измени и дополнувања се очекува да се намалат ризиците поврзани со членството на нашата земја во СЕПА. Во предложениот законски текст се посочува дека целта е да се отстранат слабостите во постојните одредби и постапување согласно Извештајот од спроведената евалуација на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам усвоен од страна на Moneyval Комитетот во 2023, заради усогласување со Препораките на ФАТФ.
Во Собранието денеска се закажани и две седници на Законодавно-правната комисија. Пред членовите на оваа комисија се – Предлог на законот за ратификација на Третиот протокол кон Општиот договор за привилегии и имунитети на Советот на Европа, Предлог на законот за изменување на Законот за надворешни работи во прво читање, Предлог на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, Барањето за давање на автентично толкување на членот 34 од Законот за локалната самоуправа (Службен весник на Република Македонија број 5/02 и Службен весник на Република Северна Македонија број 202/24), поднесено од пратениците Халил Снопче, Калтрина Беќири, Аднан Азизи, Салим Сулејмани, Ријад Шаќири и Саранда Имери-Стафаи, Предлог на законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за воспоставување на заеднички гранични премини меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и за спроведување на заеднички активности за гранична контрола, Предлог на законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Државата Катар за заемно укинување на визи за носителите на дипломатски, службени и специјални патни исправи, Предлог на законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Хрватска за стратешка соработка и Предлог на законот за изменување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година, по скратена постапка.
