Уставен суд

Уставниот суд домаќин на Форумот на балканските уставни судови во Охрид

11.11.2026 09:11

Уставниот суд на Република Северна Македонија од 12 до 14 ноември во Охрид ќе биде домаќин на четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови.

Уставниот суд на Република Северна Македонија од 12 до 14 ноември во Охрид ќе биде домаќин на четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови. На 13 ноември ќе се одржи меѓународна конференција на тема „Современи предизвици за владеењето на правото: улогата на уставните судови“.

Во фокусот на конференцијата ќе бидат довербата на граѓаните во уставните судови, предизвиците на дигиталната ера и заштитата на уставните права. На настанот ќе учествуваат претседатели и судии на уставни судови од регионот и Европа, претставници на меѓународни организации и правни експерти.

Во рамките на состанокот е предвидено и усвојување на Охридска декларација, како основа за унапредување на регионалната соработка, како и билатерална средба со делегација на Врховниот уставен суд на Египет.

Форумот е платформа за соработка и размена на искуства меѓу уставните судови на Албанија, Бугарија, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Турција. По Софија, Приштина и Анталија, Охрид е четвртиот домаќин на годишниот состанок.