Култура

ФЕМИНА 8 – изложба посветена на женската уметност, феминистичкото писмо и политиките на телото во „Мала станица“

11.11.2026 12:21

Седум уметнички позиции, архивски материјали и богата придружна програма со дебати, предавања и видеопроекции. На 12 ноември во „Мала станица“ во Скопје ќе биде отворена изложбата ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“, во рамки на одбележувањето на 80-годишнината од Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Изложбата ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ ќе биде отворена на 12 ноември во 18:30 часот, во „Мала станица“ при Националната галерија во Скопје. Кураторка на изложбата е д-р Сузана Милевска, а организатор е Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), во рамки на програмата за одбележување на 80-годишнината од неговото постоење.

Изложбата обединува седум феминистички уметнички позиции на Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Манева-Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска. Посветена е на уметницата Лилјана Ѓузелова (1935–2018) и на нејзиното последно дело „Женска книга“ од 2010 година.

Посетителите до 23 ноември ќе можат да ја разгледаат и феминистичката микроархива на кураторката Сузана Милевска, која содржи постери, текстови, уметнички книги, фотографии, документи и видеоматеријали поврзани со феминистички уметнички проекти.

Поставката опфаќа широк спектар теми, меѓу кои родово заснованото насилство, фемицидот, трудот и грижата, мајчинството, миграцијата, сексуалноста, правата на жените, политиките на телото и културната меморија. Преку сликарство, скулптура, фотографија, графика, видео, перформанс и други интердисциплинарни форми, изложбата ги поврзува уметничкото творештво, феминистичкото истражување и општественото ангажирање.

Во рамки на придружната програма се предвидени две панел-дискусии, три предавања и секојдневни видеопроекции. На 13 ноември ќе се одржи дискусија со учесничките на изложбата, додека на 14, 15 и 16 ноември д-р Сузана Милевска ќе одржи предавања под наслов „Краток речник на феминизам и уметност“.

Втората панел-дискусија, посветена на улогата и моќта на соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам, е закажана за 22 ноември.

Програмата во „Мала станица“ ќе започнува во 18 часот.