Компаниите што редовно исплаќале плати преку Алта банка - Битола ќе можат да вршат исплата на плати и придонеси
Компаниите што во последните три месеци редовно исплаќале плати преку Алта банка ќе можат повторно да ги исплаќаат платите и соодветните даноци и придонеси. Со најновата измена на Решението за администрација, Народната банка овозможува и физичките лица неограничено да располагаат со новите приливи на сметките, доколку средствата се префрлени од други банки.

Народната банка дополнително ги олеснува ограничувањата за клиентите на Алта банка АД Битола. Со најновата измена на Решението за администрација се овозможува исплата на плати, даноци и придонеси за компаниите кои во последните три месеци редовно ја користеле Банката за оваа намена.
Износот на средствата што компаниите ќе можат да ги користат од своите платежни сметки за исплата на платите може да биде до пет проценти повисок од вкупниот износ на исплатените плати во октомври.
Од Народната банка појаснуваат дека мерката се однесува на компаниите за кои исплатата на плати преку Алта банка претставува воспоставена практика, односно кои континуирано ја користеле Банката за оваа намена во трите месеци пред донесувањето на одлуката.
Со измените се овозможува и физичките лица во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во Алта банка, доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги. Тоа значи дека граѓаните без ограничување на износот ќе можат да ги користат дополнително уплатените средства.
Народната банка соопшти дека внимателно ја следи состојбата во Алта банка и продолжува со приспособување на мерките, имајќи ги предвид условите за работење на Банката и потребите на нејзините клиенти.
Приоритет, како што наведуваат, остануваат заштитата на интересите на клиентите и постепеното олеснување на ограничувањата, со задржување на соодветната контрола врз одливите на средства.
