Мицкоски: Алта банка нема да банкротира како Еуростандард банка
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе се вклучи во изнаоѓање решение за состојбата со Алта банка, со цел да се заштитат вработените и доверителите. На собраниската надзорна расправа тој тврдеше дека банката е ликвидна и дека Народната банка навремено ги презела потребните мерки.

На надзорната расправа во Собранието за состојбите во Алта банка АД Битола, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да го игнорира проблемот и дека ќе направи сè што е во негова моќ за да се најде решение. Како приоритети ги посочи зачувувањето на работните места во банката и заштитата на доверителите.
Мицкоски оцени дека банката е ликвидна и дека Народната банка навремено ги презела мерките во рамките на своите надлежности.
Според него, преземените и најавените чекори се насочени кон заштита на интересите на граѓаните и државата, а очекува решение со кое Алта банка нема да заврши како Еуростандард банка.
Тој повторно го посочи случајот со Еуростандард банка, тврдејќи дека министер за финансии во тогашната влада на СДСМ и ДУИ го повлекол својот штеден влог неколку дена пред банкротот. Ова го оцени како скандалозно.
Осврнувајќи се на разговорот со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, Мицкоски рече дека е нормално премиерот да биде информиран од централната банка за процеси поврзани со аквизиција на банка, а не преку медиумите. Тој ги отфрли обвинувањата дека се вклучил во процесот во својство на понудувач или продавач, нагласувајќи дека легитимитетот за извршување на функцијата го добил од граѓаните на парламентарните избори.
Во продолжение на расправата, Мицкоски презентираше извадок од нацрт-записникот од 194-тата седница на Владата, одржана на 24 октомври 2023 година, кога премиер бил Димитар Ковачевски. Според Мицкоски, на седницата тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими информирал за потребата Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта банка од Србија.
Мицкоски тврдеше дека тогашната влада на СДСМ и ДУИ дала насоки за постапување во врска со акциите во банка во која, како што рече, државата имала сопственички удел, а која подоцна ја презел Давор Мацура. Тој праша дали тогашната власт знаела кој е сопственикот и каков е потеклото на капиталот со кој се поврзува банката.
Премиерот посочи и дека на седницата присуствувале тогашниот премиер Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за земјоделство Љупчо Николовски и министерот за транспорт Благој Бочварски, како и други членови на Владата. Според неговите тврдења, тие гласале за предлогот поврзан со деловните односи со Алта банка.
Мицкоски ја отвори и дилемата дали во 2023 година имало поинакви околности во врска со капиталот на банката и нејзиниот сопственик, алудирајќи на односите на тогашната власт со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој нагласи дека, според документот што го презентираше, иницијативата за воспоставување деловни односи со Алта банка била разгледувана од претходната влада, на предлог на тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими.
Со овие наводи, Мицкоски одговори на обвинувањата дека актуелната власт дозволила сомнителен капитал поврзан со Алта банка да влезе во македонскиот банкарски систем.
