Респираторните и грипот ги наполнија ординациите
Кашлица, температура, болки во грлото и малаксаност, се честите симптоми периодов кај граѓаните. Здравствените установи во Куманово бележат зголемен број пациенти со респираторни инфекции. Меѓу најризичните, хронично болните и децата. Лекарите предупредуваат да не се чека влошување на здравствената состојба. Препорачуваат вакцинација и потсетуваат на важноста на превентивната заштита.

Сезоната на вируси и грип почна. Ординациите на матичните лекари се полнат. Зголемен број пациенти бележи и ургентниот центар при кумановската болница. Доминираат респираторните вируси проследени со кашлица, покачена температура, малаксаност и болки. На удар возрасните со хронични заболувања, но и децата. Лекарите укажуваат најчесто пациентите доаѓаат со влошена клиничка слика.
„Најчесто луѓето кои имаат кардо проблеми од типот на хронично опструктивни болести, астма, бронхиалната астма, алергиски рингит, кои секоја година се активни во овој период. Помладите болки во мускули, зглобови, зголемена телесна температура. Болка во грлото, затнат или течење на носот, вообичаено се тие генерално бронхиалната астма којашто е доста застапена денеска имаме со отежнато дишење, задушување“, истакна Никола Стефановски, лекар Ургентен центар Куманово.
Најефикасна заштита против сезонскиот грип, посочуваат останува имунизацијата. Куманово и соседните општини засега располагаат со 1.600 дози вакцини. За создавање на имунитет потребни се две недели. Дел од граѓаните коишто ги прашавме се заштитуваат, други повеќе внимаваат на исхраната.
Дека Куманово е меѓу градовите со поголем број заболени од грип, потврдува и статистиката на Институтот за јавно здравје. Изминатата недела се евидентирани 24 случаи. Се препорачува избегнување контакт со заболени лица, често проветрување на простории, одржување на хигиената. Лекарите апелираат на разновидна исхрана, богата со витамини, доволно сон и одмор и физичка активност.
Елена Георгиевска
