Правда

Шасивари во Германија разговараше за реформите во правосудството и владеењето на правото

11.11.2026 19:43

Продлабочување на билатералната соработка, размена на експертски искуства и примена на германските практики во правосудството. Ова биле дел од темите на средбата на министерот за правда Јетон Шасивари со парламентарната државна секретарка во германското Министерство за правда, Анете Краме, во рамки на работната посета на Германија.

Реформските процеси во правосудството, независноста и ефикасноста на правосудните институции и зајакнувањето на владеењето на правото биле во фокусот на средбата на министерот за правда Јетон Шасивари со Анете Краме, парламентарна државна секретарка во Сојузното министерство за правда и заштита на потрошувачите на Германија.

На средбата, одржана во рамки на работната посета на Германија, биле разменети мислења и за предизвиците во спроведувањето на реформите согласно европските стандарди.

Посебно внимание било посветено на можностите за продлабочување на билатералната соработка, размена на експертски искуства и примена на добрите практики од германскиот правосуден систем.

Министерот Шасивари ја истакнал важноста на Германија како партнер во европскиот интеграциски процес, нагласувајќи дека реформите треба да донесат суштински промени во функционирањето на институциите.

„Успехот на правосудните реформи не се мери само според бројот на донесени закони, туку според нивната примена во пракса. Нашата цел е правосуден систем што обезбедува правна сигурност, еднаков третман пред законот и поголема доверба на граѓаните во институциите“, истакнал Шасивари.

На средбата била нагласена и потребата од континуирана институционална соработка и поддршка во процесот на усогласување на националното законодавство со европските стандарди.