Безбедност

Исламска младинска асоцијација од Македонија на египетската листа на терористички организации

11.11.2026 17:54

Египет прогласи 35 организации за терористички, меѓу кои и Исламската младинска асоцијација регистрирана во Македонија. Македонските служби веќе работат на случајот, а првичните информации се дека не станува збор за радикална организација.

Меѓу 35-те организации кои Египет ги прогласи за терористички, една е од Македонија. Станува збор за Исламска младинска асоцијација. На листата опфатени се и 36 лица, но ниеден од земјава. Дали организацијата е терористичка закана за земјава? Тоа што сега треба да се направи е веднаш нашите служби да стапат во контакт со египетските поради целосно согледување на состојбите и евентуалната закана – вели поранешниот шеф на Военото разузнавање и контраразузнавање, Владимир Пивоваров.

Македонските служби веќе работат на случајот. Првичните информации се дека не станува збор за радикална организација. Организациите опфатени со одлуката се поврзуваат со транснационални исламистички движења, меѓу кои и „Муслиманско братство“, кое во Египет е забрането и се третира како екстремистичко движење. Ова значи дека се отвораат сериозни прашања за евентуалните меѓународни врски и активности на здружението регистрирано во Македонија.

Името на Исламската младинска асоцијација е објавено во Службениот весник на Египет, заедно со организации кои дејствуваат во голем број европски држави.

 

Миле А. Ристески