Случај „Пулс“

Остра критика за вештачењето во случајот „Пулс“

11.11.2026 18:22

Градежниот експерт Горан Марковски со сериозни забелешки за вештачењето на одбраната на Дејан Јованов. Оцени дека е селективно, со многу пропусти и дека градежните зафати во „Пулс“ претставуваат реконструкција. Судскиот процес продолжува со сослушување на сведоци на одбраната.

Нагласена селективност, инженерска алхемија и стручна само-дисквалификација. Вака градежниот експерт Горан Марковски го опиша вештачењето што го презентираше одбраната на газдата на „Пулс“, Дејан Јованов. Деканот на Градежниот факултет оцени дека вештачењето содржело многу пропусти, а се ценеле само фактите што одат во прилог на одбраната. Според Марковски, нема друга вистина освен онаа дека градежните зафати во „Пулс“ потпаѓаат под реконструкција.

„Причината за трагедијата и сржта на проблемот лежат во генетскиот состав на градбата на објектот и непочитувањето на законската регулатива. Дали може без одобрение на надлежниот орган, без проект и без спроведена постапка оваа судница да ја пренамениме во дискотека? Секако дека не може!“, изјави Горан Марковски, вештак на Јавното обвинителство.

Ставот на родителите е дека газдата на клубот преку спорно вештачење сака да ја релативизира одговорноста.

Процесот продолжува со сослушување сведоци на првообвинетиот Јованов. Најавени се шеснаесетмина: вработени во општината, во МВР и во противпожарната станица.

 

Анита Димитријевска-Велковска