Македонија

Македонија воведува европски стандарди за одржливо управување со шумите

11.11.2026 19:27

Македонија направи значаен чекор кон современото европско шумарство. По двегодишна работа на домашни и странски експерти, воспоставени се критериумите и индикаторите за примена на меѓународниот стандард за одржливо управување со шумите. Сертификацијата треба да обезбеди поголема контрола врз стопанисувањето со шумските ресурси, заштита на природата, но и поголема конкурентност на домашната дрвна индустрија на странските пазари.

Македонија се приклучува кон групата европски држави кои применуваат меѓународно признаени правила за одржливо управување со шумите. Воспоставувањето на стандардот значи дека начинот на кој се управува со шумските ресурси ќе се оценува според јасно дефинирани критериуми и индикатори. Тие ги опфаќаат трите клучни столба на одржливоста – еколошкиот, економскиот и социјалниот аспект.

„Тука всушност се голем број на индикатори и критериуми светски валоризирани и признаени, ќе мораме да ги примениме за да мора да доокажеме дека всушност навистина стопанисуваме со шумите. Значи за да биде нешто одржливо мара сите овие три компоненти да бидат вклучени“, вели проф. д-р Николчо Велковски, консултант.

Примената на стандардот подразбира сериозни проверки и контроли. Сертификатот не се добива автоматски, туку по постапка во која се проверува дали управувањето со шумите ги исполнува пропишаните услови.

„Новите алатки кои се воведени пред пет години се во однос на можноста да се верификуваат влијанијата кои што одржливото стопанисување со шумите ги носи во разновидните екосистеми. Тука зборувам за зачувување на биодиверзитетот, водата, почвата“, истакна Диего Флориан, Претставник на FSC.

Првиот човек на македонски шуми со став-  само со имплементацијана високи стандарди може да имаме напредок во шумарството.

„Убеден сум дека перспективата на македонското шумарство е во високи стандарди и имплементација на истите и ќе докажеме дека работиме согласно принципите“, вели Здравко Трајанов, директор на ЈП „Национални шуми“.

Придобивките не застануваат кај институциите што управуваат со шумите. Сертифицираната суровина може да биде важна предност и за домашните компании кои извезуваат на европските и светските пазари. Се поголем дел од меѓународните купувачи бараат гаранции за легалното потекло на дрвото и за одржливоста на неговото производство.

„Од големо значење ни е да имаме сертифицирана суровина уште од дома. Ова, доколку се имплементира до крај, ќе биде од огромна помош за да бидеме добар претставник на Македонија на европскиот пазар“, рече Бошко Лазаров, претставник на компанија.

Воспоставувањето стандард е важен чекор, но, вистинскиот предизвик допрва претстои – неговата доследна примена во практиката. Одговорното управување со шумите, заштитата на природните ресурси и следењето на потеклото на дрвната суровина треба да станат основа за развој на одржливо шумарство и поконкурентна домашна дрвна индустрија.

Наташа Гркова- Петрушевска