Ризик од нова енергетска криза, премиерот Мицкоски вели Владата презема мерки
Енергетската стабилност на земјава ќе биде обезбедена преку ангажирање на полниот капацитет на сите три блока на ТЕЦ Битола, како и на ТЕЦ Осломеј. Се подготвува и рестартирање на ТЕЦ Неготино. За РЕК „Битола“ќе се обезбедува јаглен од Косово по пониска цена.

Растот на цените на енергенсите и притисокот врз инфлацијата, ризик од нова енергетска криза, која се чувствува во Европа, а нема ја заобиколува ниту Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски вели Владата презема мерки. Енергетската стабилност на земјава ќе биде обезбедена преку ангажирање на полниот капацитет на сите три блока на ТЕЦ Битола, како и на ТЕЦ Осломеј. Се подготвува и рестартирање на ТЕЦ Неготино. За РЕК „Битола“ќе се обезбедува јаглен од Косово по пониска цена.
„За транспортот се предвидува посебен граничен премин, каде што би биле ангажирани Армијата и Царината. Процената е дека дневно би можеле да поминуваат околу 200 камиони со повеќе од 6.000 тони јаглен. Целта е ЕСМ да обезбеди стабилно производство од трите блока во Битола, а во производството смета и на РЕК „Осломеј“. Тендерот за тоа кој ќе го врши ископот и транспортот треба да заврши до крајот на месецов“, посочи премиерот.
Вториот дел од планот се однесува на ТЕЦ „Неготино“, за која се предвидува транспорт на мазут од Солун. Според пресметките што ги изнесе Мицкоски, со рестартирањето на централата ЕСМ би можела да произведува струја по цена под 200 евра за мегават-час во споредба со моменталните 350-400 евра на берзите.
„Транспортот нема да оди со камиони, туку за снабдувањето со гориво се планира транспорт од пристаништето во Солун преку железница. За таа цел, во тек е итна реконструкција на железничката делница што од главната пруга на Коридорот 10 води до ТЕЦ „Неготино“. Дрвените прагови се заменуваат со бетонски за пругата да може да издржи товар од над 10.000 тони“, соопштија од Влада.
Мицкоски посочи дека барањата на енергетските компании се високи, но Владата се обидува да спречи поскапување на струјата за домаќинствата или евентуалното зголемување да биде под пет проценти. Како показатели за продлабочувањето на кризата, премиерот ги посочи неизвесноста на резервите на гас во Европа, кои, според него, се под 50 отсто. Оцени дека големите инвестиции во центри за податоци ја зголемуваат побарувачката за струја во услови на ограничена понуда.
Марина Стојанова Тонева
